Македонија и Верди


190 ден

Шифра: 10716

Издавач: Тримакс

Година на издавање: 2020

Автор: Славомир Маринковиќ

Наслов на оригиналот: Македонија и Верди

Јазик на оригиналот: македонски

Број на страни: 176

Издание: прво

ISBN: 608204292-1

Корица: мека

Кратка содржина:

Вистинска книга во право време

 Кон публикацијата „Македонија  и Верди“ од Славомир Маринковиќ

Новинарот, публицист и преведувач Славомир Маринковиќ е познат на нашата јавност како самостоен автор или коавтор во соработка со други автори со над 20 наслови од повеќе области на културата, уметноста и преведувањето – хроники, речници, енциклопедиски единици и др. За љуби­те­лите на музичката и балетска уметност особено се значајни неговите книги: монографијата „МНТ-Балет 1949-1999“, портрет на вокалниот умет­ник Ни­кола Гагов, како и обемниот труд „999 мјузикли, оперети, опери, ораториуми“.

Неуморен истражувач, со богато лексикографско искуство, авторот овој пат ѝ предлага на нашата музичка јавност ново дело – „Македонија  и Верди“, а по повод 200 години од раѓањето на великанот на оперската музика итали­јан­скиот композитор Џузепе Верди.

Низ неколку поглавја – Хроника, Вердијанци, Диригенти и вокални исполнители на неколку најизведувани опери на сцената на Македонскиот на­ро­ден театар (подоцна Македонска Опера и балет) – авторот дава факто­граф­ски преглед на сите музички случувања во врска со исполнувањето на музи­ка­та на Верди на овие простори, во временски период подолг од едно сто­летие, односно од првото исполнување на арии и дуети од неговите опери со гостите од Белград: Драга Спасиќ – сопран, и Воислав Турински – тенор, во паузите ме­ѓу чиновите на драмска претстава на 26 октомври 1909 година, па сè до дене­шен ден, односно до последната премиера на операта „Атила“ на 1 март 2013, заклучно со август-септември.

Во својот труд, С. Маринковиќ многу темелно и сеопфатно по години и по азбучен ред ги регистрира сите изведби на музиката на Верди во нашата земја без разлика дали се работи за одделни арии во концертно исполнување или постановки на комплетни опери. Презентирани се имињата на прота­го­нис­тите и нивните реализирани улоги со назнака на годината кога се оства­рени; приложен е и долг список на земјите од каде што гостувале странски умет­ни­ци, а прикажани се и сите настапи на комплетниот ансамбл на Маке­дон­ската опера низ градовите во Македонија, но и надвор од границите на нашата земја. Освен тоа, презентирани се и многу други релевантни податоци (кри­тички оценки за одделни претстави и други искажувања) кои ќе го заинте­ре­сираат читателот – љубител на Вердиевата музика, да дознае досега малку познати или сосема непознати историски факти. Изборот на фото­гра­фиите  во многу случаи придонесува за визуелна потврда на презентираните пода­тоци.

Многубројните изведби на одделни арии или делови од севкупното Вердиево творештво, постановките на неговите најзначајни опери на сцената на МНТ / МОБ – трилогијата „Травијата“, „Риголето“ и „Трубадур“, потоа „Моќта на судбината“, „Бал под маски“, „Набуко“, „Аида“, „Дон Карлос“, „Отело“ и на крај „Атила“ – вкупно 10 опери, нивните повеќекратни обнови во текот на повеќе од шест­де­це­ниското постоење на Македонската опера, сето тоа јасно говори за огром­ни­от интерес на нашата публика за музиката на Џузепе Верди. Не случајно, меѓу првите изведби на новоформираната Македонска опера, во 1948 година  била премиерата на едно од неговите најпопуларни дела – операта „Тра­ви­јата“. Сиот овој огромен документационен материјал многу детално и прецизно е презентиран во делото на Славомир Маринковиќ.

Заслугата на авторот лежи во фактот што, следејќи и презентирајќи ги во јавноста историските настани за присуството на музиката на Верди во нашата земја, со овој труд ги зачувал од заборав имињата (што со текот на времето полека исчезнуваат, се губат од нашето паметење) на многу наши и странски вокални уметници, диригенти, сценографи, костимографи, кореографи и преведувачи на текстови на оперските либрета коишто со сво­јата активност дале вреден придонес за популаризацијата на Вердиевата музи­ка, вградувајќи ја во темелите на Македонската опера.

Во годината кога целиот свет ја прославува 200-годишнината од раѓање­то на еден од великаните  на оперската уметност, авторот со својата публикација го потврдува фактот дека Верди бил и останува еден од столбовите на репертоарната политика на Македонската опера.

Собраниот и приложен богат документационен  материјал во оваа публи­кација дава можност музиколозите, историчарите на уметноста и другите заинтересирани субјекти да вршат натамошни иследувања и проучувања. Во тоа, меѓу другото, лежи и неспорната заслуга на авторот С. Маринковиќ, кој со оваа вредна и корисна публикација го дава својот придонес во одбележувањето на овој значаен јубилеј. Затоа за својот ценет труд заслужува почит и големо признание, а неговата книга треба да биде во библиотеката на секој љубител кој е заинтересиран за настаните и имињата на исполнителите на музиката на Џузепе Верди во нашата земја.

Категорија: